• Зоран Мишевски
Еден од најдобрите боксери на сите времиња, Реј Ленард ја шокира јавноста со многу сведоштва кои пошироката јавност не ги знаеше. Некогашниот шампион Шугар Ленард за американските медиуми зборуваше за своите пороци и влијанието врз кариерата.
Без влакна на јазикот 63-годишниот боксер зборуваше за последиците кои го доведоа пред банкрот и со нарушено здравје.
„Одамна признав дека сум алкохоличар. Сфатив дека ми треба многу повеќе помош, како што во младоста ми беше потребна помош за кокаинот. Одев на забави кај познати личности и таму шмркав. Живеев во полна пареа, бев хипнотизиран“, раскажува американскиот боксер.
Некогашниот шампион потоа се наврати на дрогата и лудиот живот кој го водел на млади години.
„Кокаинот ми помогна да ги пополнам празнините кои што во мојот живот се случија кога се повлеков од боксот. Заради тоа пријателите ме сакаа, но семејството ме избегнуваше. Сфатив дека тоа не сум јас и одлучив да го оставам кокаинот. Но, тогаш дојде алкохолот.
Мојот татко беше алкохоличар и многу пиеше. Во 1997 година пиев секој ден за да се напијам. Сопругата ме однесе на состанок на анонимни алкохоличари. Сите околу мене беа алкохоличари и така се претставуваа, а јас им реков - Јас сум Реј и сум алкохоличар“, раскажува за својата кариера Ленард.
Славниот боксер Шугар Реј Ленард минатата година беше пред банкрот и за да се спаси, го продаде своето царство, вклучувајќи ја и вилата во Калифорнија, проценета на 46 милиони евра.
Таа се простира на 1.551 квадрат, изградена е пред 23 години во италијански стил со архитектура од средниот век и има седум спални соби. Располага со базени, тениски терени, фитнес сала и солариум, како и прекрасен двор.
Ленард е олимписки победник од Монтреал во 1976 година, а во професионалниот бокс запиша 40 борби, од кои победи на 36, загуби само три, а една борба заврши без победник.