Шампионскиот појас на Мухамед Али продаден за ШЕСТ милиони долари!

Шампионскиот појас на легендарниот боксер, Мухамед Али од познатата борба со Џорџ Форман во 1974 година, наречена „Rumble in the Jungle“ е продаден на аукција за 6,18 милиони долари.

Според лицитацијата на куќата од Далас, купувач е сопственикот на НФЛ клубот Индијанаполис Колтс, Џим Арсеј. Тој рече дека го купил шампионскиот појас за неговата колекција на рок музика, сувенири од американската историја и поп културата, која моментално е на турнеја во Соединетите Американски Држави.

Шампионскиот појас на Али ќе биде изложен на втори август во Чикаго, а на деветти септември во Индијанаполис. Борбата од 1974 година е една од најпознатите во историјата на боксот. Али го нокаутира Форман во осмата рунда во Заир и ја врати светската титула во тешка категорија.

Еден од најголемите спортисти на 20 век и еден од најдобрите боксери на сите времиња, Мухамед Али почина на трети јуни 2016 година на 74-годишна возраст.