Сè е подготвено за нов спектакл: По 47. пат ќе се одржи „Златен Гонг“

Една од најтрофејните спортски манифестации во Македонија, „Златен Гонг“, оваа година ќе се одржи по 47. пат. „ВИП“ арената при СЦ „Борис Трајовски“ овој викенд ќе ги собере боксерите од Македонија и уште шест други држави, согласно доставената програма. 

Натпреварите ќе започнат со полуфиналните борби в петок со почеток од 16.00 до 19.00 часот, додека свеченото отварањето на настанот ќе се одржи во петок од 17.30 часот. В сабота е предвидено да се одржат финалните борби со почеток од 11.00 часот, а доделувањето на наградите и признанијата е предвидено со почеток од 14.00 часот. За учество на гонгот се пријавени околу 40 боксери.

На прес-конференцијата во Агенција за млади и спорт, директорот Дарко Каевски потенцираше дека оваа манифестација станува македонски спортски бренд на Балканот и Европа и од таа причина Агенцијата за млади и спорт се јавува како генерален покровител. 

„Се надевам на фер-плеј борба и судење и упатувам покана до сите вљубеници на боксот да уживаат во перформансите на сите учесници“,- изјави Каевски.

Поддршката на Агенцијата за млади и спорт е во насока на дополнителна афирмација на боксот во Македонија, како е ден од нашите најуспешни спортови.