Само една сениорска борба на државниот шампионат на Македонија во бокс

Викендов во Охрид се одржа 26-тото поединечно првенство на Македонија во бокс за деца, кадети, јуниори и сениори. Во сениорска конкуренција се одржа една борба, победата на Јасин Љама од БК Чаир против Оран Шаќироски од БК Пелистер 2007 во категоријата до 60 килограми. 

Во оваа конкуренција не се одржаа борбите меѓу Гоце Јанески од Аперкат и Харис Рамадани од Чаир. Поради повреда на Јанески, титулата државен првак му припадна на Рамадани во категоријата до 75 килограми. Се повреда уште еден репрезентативец, Али Аземи од Шкендија Но Лимит, па победник во категоријата до 81 килограми е репрезентативецот Арсим Етеми од БК Алексо Огеновски.

Во јуниорска конкуренција шампиони станаа Ѓоше Ѓошев од Пинк Пантер Тим во категоријата 60 килограми, Елми Алими од БК Чаир во категоријата 64 килограми, Рамон Казимов од БК Пелистер 2007 во категоријата до 69 килограми, Александар Ристовски од екипата на Шкендија Но Лимит во категоријата 75 килограми и Хурмет Јонузов од БК Шкупи во категоријата до 81 килограми.

Пет борби се одржаа во кадетска конкуренција: Хади Шехаби од Шкендија Но Лимит е победник во категоријата до 52 килограми, браќата Илхан и Ајхан Озмен од БК Универзалци победија во категориите до 63 и 70 килограми, Ресул Мамудов од БК Пинк Пантер Тим победи во категоријата до 66 килограми, а Ардијан Аземи е победник во категоријата +80 килограми.   

Во најмладата конкуренција, деца, се одржаа четири борби, а победници станаа: Енес Алиу од БК Алексо Огненовски во категоријата до 48 килограми, Зија Мамудов од Пинк Пантер Тим во категоријата до 54 килограми и Муарем Мухареми од Шкендија Бокс во категоријата до 80 килограми.   

Се одржа борба и во женска конкуренција, во категоријата до 48 килограми. Победа извојува Марија Мацеска од БК Алексо Огеновски против Сандра Ѓорѓиева од Пинк Пантер Тим со 3-0. 

На Државно првенство настапија околу 90 боксери од 17 клубови.