Рустемовски освои бронза, но беше оштетен за финале: „Чиста кражба!“

Ален Рустемовски ја загуби полуфиналната борба и нема да може да се бори за златниот медал на Медитеранските игри. Македонскиот боксер беше поразен во полуфиналето од Марин Хернандез од Шпанија, во меч кој предизвика големо незадоволство во нашиот табор.

Рустемовски во текот на борбата покажа одлично издание и во повеќе наврати делуваше како подобар боксер во рингот. Сепак, судиите му ја доделија победата на шпанскиот претставник, одлука која беше пречекана со разочарување од македонската делегација. Хернандез е боксер со кубанско потекло, кој во изминатите години настапува за Шпанија, а токму тој ќе се бори за најсјајното одличје, додека Рустемовски ќе мора да се задоволи со бронзениот медал.

Македонската делегација не остана немa и официјално поднесе жалба до надлежните тела по завршувањето на полуфиналето.

„Чиста кражба, во моментов разговараме со делегатите за да поднесеме приговор. Ги проверуваме опциите. 

Во моментов се поднесува жалба до официјалните мејлови на светската боксерска федерација од страна на генералниот секретар на мок, како и боксерска федерација на македонија. Според правилата, тие имаат обврска до крајот на денот да не известат дали ќе се поведе дисциплинска и евентуална промена на одлуката“, известија од делегацијата.

И покрај тоа што бронзата е значаен успех, останува впечатокот дека Рустемовски имаше аргументи да стигне до финалето и да се бори за највисок пласман на Медитеранските игри во Таранто.