Рустемовски: Медалот е повеќе од бронза, често бев сам – минав трнлив пат!

Македонскиот боксер Ален Рустемовски освои бронзен медал на Европското првенство, со што испиша значајна страница во историјата на македонскиот бокс и по две децении донесе европско одличје за нашата држава.

Рустемовски настапот на шампионатот го заврши со три победи во исто толку исклучително тешки борби, а на патот до медалот успеа да ги совлада и двајцата главни фаворити во својата категорија. Во полуфиналето беше поразен со судиска одлука 4:1 од претставникот на Украина, но и покрај тоа, бронзата за него има посебно значење.

„Овој медал за мене вреди многу повеќе од бронза. Целиот мој живот се борев за овој момент. Освојувањето сениорски европски медал беше едно од моите најголеми соништа, заедно со желбата еден ден да освојам медал и на Светско првенство и на Олимписки игри“, истакна Рустемовски.

Тој откри дека зад успехот стојат години напорна работа, жртви и бројни предизвици. Голем дел од кариерата го минал без тренер покрај себе, самостојно тренирајќи и патувајќи на подготовки и натпревари.

„Тренирав по двапати дневно, одев на кампови и подготовки без тренер, а се случувало и на турнири да настапувам сам. И покрај ограничената финансиска поддршка и сите пречки со кои се соочував, никогаш не се откажав. Желбата за успех беше посилна од сè“, порача македонскиот репрезентативец.

Рустемовски нагласи дека оваа бронза ја гледа како почеток на нешто многу поголемо, бидејќи неговите најголеми цели остануваат олимпискиот настап и освојување медал на најголемите светски натпреварувања.

„Знам дека допрва ме чекаат уште поголеми работи. Мојот сон останува ист – Олимпијада, олимписки медал и еден ден да освојам сè што може да се освои во боксот“, додаде тој.

На крајот, Рустемовски им се заблагодари на сите кои верувале во него и го поддржувале во текот на неговиот пат.

„Посебно сум горд што по 20 години успеав да донесам европски медал за Македонија. Овој медал не е само мој, туку на сите што беа покрај мене, веруваа во мене и ми даваа сила да продолжам напред“, порача македонскиот боксер.

Ова е голем успех за македонскиот бокс, а Рустемовски важи за една од нашите најголеми надежи во боречките спортови.