Русинот Комаров е противник на Аземи во полуфиналето на ЕП

Нашиот боксерски репрезентативец Ардијан Аземи обезбеди најмалку бронзен медал на младинското Европско првенство во Будва по победата против хрватскиот боксер Гачина во четвртфиналето.

Аземи во четвртфиналето го победи Дује Гачина од Хрватска со едногласна одлука на судиите, со што оствари историски резултат за македонскиот бокс во младинска конкуренција. Во полуфиналето кое е на програмата в петок , Аземи ќе боксува со Владислав Комаров од Русија.

„После првиот медал освоен на Европско првенство за млади пред 25 години и последниот на Европското првенство за сениори пред 12 години, се израдувавме на обезбеден медал на Европското младинско првенство во Будва. Ардијан избоксува да се почуствувам исто како во 1995 година во Турција, тогаш како боксер кој освоил медал, а денес како престедател на боксерска федерација со боксер што освојува медал на Европско првенство. Честитки на Ардијан Аземи и неговиот тренер Насер Харуни. Успеавме македонскиот бокс да го вратиме на европската мапа“, рече првиот човек на федерацијата, Примислав Димовски. 

Евентуално злато ќе биде најголем успех во нашата боксерска историја на младинските шампионати на Европа.