Првата боксерска „дама“ по исполнувањето на сонот, го прифаќа предизвикот на ММА ѕвездите

Најдобрата боксерка на светот, Норвежанката Сесилија Брекхус изјави дека ѝ се исполнил сонот да се бори во својата земја. Воедно по боксерскиот меч во Осло таа изјави дека го прифаќа и предизвикот на бразилската ММА ѕвезда, Крис „Сајборг“ Жустино за борба во рингот, која во последните неколку години повикува на борба.

Сесилија, која во светот на боксот е позната како „прва дама“ во саботата во Осло ја совлада Ан Софи Матис од Франција и ги одбрани шампионските појаси во велтер категорија. 35-годишната Брекхус својата кариера ја започна на 14 години, кога започна со кик-бокс, а по неколку шампионати премина прво на аматерски, а потоа започна и со професионалниот бокс.

„Се борев секаде низ Европа, но од секогаш сонував за борба во Норвешка. Ова многу ми значи, а посебно кога видов во саботата колку многу луѓе дојдоа да го гледаат мојот меч“, изјави Брекхус.

На боксеркиот спектакл во Осло присуствувале повеќе од 10.000 луѓе, а преку малите екрани дуелот го следеле повеќе од милион гледачи.