• Зоран Мишевски

Дарко Чатлески и агенцијата ПроБокс Македонија вчера претставија нов проект, поврзан со развојот на голем боксерски талент. Прилепчанецот Трајче Илиоски влегува во професионалниот бокс и потпиша договор со ПроБокс Македонија агенцијата.
Неговиот тренер и менаџер Дарко Чатлески објави дека потпишан е договор и со Австралиската промотерска куќа „DragonFire” и менаџерот Тони Тољ. Првата борба Трајче треба да ја одржи на 18-годишна возраст во супер-велтер категорија.
Со потпишувањето на овој договор се продлабочува соработката на релација Чатлески – Тољ , менаџер кој работи со најпрестижните боксерски федерации како WBC, IBF, WBA, и WBO.
„Во мојата досегашна кариера имам 40 борби од кои 38 победи. Имам учествувано на голем број натпревари, во и надвор од Македонија, во склоп на македонската репрезентација. Имам учествувано на натпревари во Белгија и Холандија. Исто така голем успех претставува првото место на светскиот Куп во Австрија, како и националниот Куп во Врбас и ми претставува чест што ќе ја претставувам Македонија на вакво светско ниво”, истакна Илиоски.
„Во 2010 година, од повеќето пионери во нашиот клуб, најмногу се истакна токму Трајче. Тој во својата досегашна кариера има доста натпревари во Македонија, но и надвор од Македонија. Се истакна во боксот, но и во кик-боксот, како и тајландскиот бокс, но ние се одлучивме за боксот. Со неговото влегување во боксот како најмлад професионалец, се надевам дека во иднина ќе имаме и други боксери кои ќе го следат неговиот пример и ќе ја промовираат нашата држава на Балканот, но и во светот”, истакна легендарниот тренер Ѓорѓи Чатлески.
Промоцијата на Трајче Илиоски, ПроБокс Македонија ја искористи и го најави враќањето на нашиот професионален боксер Саше Митрески во светот на боксот. Митрески е првиот македонскиот боксер кој ги освоил титулите во WBF, WBA и WBF во периодот од 2001/2002 година.