Жалбата нема да помогне: Останува бронзата за Рустемовски на Медитеранските игри

Ален Рустемовски останува на освоената бронза за пласманот во полуфиналето на бокс турнирот на Медитеранските игри. Македонскиот боксер загуби од Марин Хернандез, но македонската делегација го оспори судењето и испрати жалба. 

Истата ќе биде разгледана, ама нема да влијае на резултатот на борбата. Рустемовски останува без пласман во финалето, а неговиот противник и понатаму ќе се бори за златниот медал.

Надлежните сега треба да ги разгледаат наводите од жалбата и да утврдат дали во полуфиналето имало сериозен пропуст или тенденциозна судиска грешка. Доколку биде утврдено дека судиите го прекршиле правилникот или неоправдано влијаеле врз исходот, против нив може да биде покрената дисциплинска постапка и да следуваат санкции.

Одлуката по жалбата се очекува во рок од две недели од нејзиното поднесување. Таа, сепак, нема да донесе промена во конечниот пласман на Рустемовски, кој од Таранто ќе се врати со бронзен медал.