• Иван Димовски
Третата борба меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик засега нема да се случи. Менаџерот на украинскиот боксер, Сергеј Лапин, јасно порача дека Усик нема да биде резервна опција за Британецот.
Фјури неодамна најави дека бара нов противник, откако пропаднаа преговорите за неговата борба со Ентони Џошуа поради несогласувања околу местото на одржување. Британецот притоа посочи дека би сакал по третпат да се сретне со Усик. Сепак, од таборот на Украинецот стигна директен одговор.
„Усик не е резервен план за Тајсон. Ако Фјури има потреба од противник, нека ја посети платформата „Ready to Fight“. Таму можат да му помогнат да најде достоен противник. Александар секогаш е отворен за големи предизвици, но сериозните намери мора да бидат поткрепени со конкретна понуда, а не со изјави во медиумите“, изјави Лапин.
Фјури и Усик двапати се бореа во 2024 година, а Украинецот излезе како победник во двата дуели. Усик во јуни годинава се откажа од последниот шампионски појас што го поседуваше, но јасно стави до знаење дека не планира да стави крај на кариерата.