На голема „врата“ подготвен новиот 45. „Златен Гонг“

Бокс-Златен-гонг2

Боксерската федерација под покровителство на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на Спортски федерации, како и Градоначалникот на град Скопје ќе го организираат 45. по ред меѓународен турнир „Златен Гонг”. Станува збор за една од најстарите спортски манифестации, а трета во рамките на Европски боксерски турнири.

„Влогот на многумина низ изминативе 45 години во организирањето на овој настан придонесе “Златниот Гонг” да прерасне во спортски настан кој го промовира нашиот град и нашата држава, оставајќи траен белег низ спортот. Со задоволство можам да констатирам дека посветеноста и заложбата на сите страни вклучени околу организацијата на овој настан, го издигна “Златниот Гонг” на ниво на домашен спортски бренд од светски размери“ , истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески

Годинава “Златниот Гонг” ќе го потврди нивото и квалитетот. Имено, учество ќе земат вкупно 46 натпреварувачи од девет земји, а досега се потврдени: Англија, Албанија, Словенија, Косово, Црна Гора, Србија, Романија, Велс и домаќинот Македонија. Се чека дополнителна потврда од натпреварувачите од Босна и Херцеговина и Бугарија.

Македонската селекција ќе ја сочинуваат пет боксери, кои ќе се натпреваруваат за еден од трите пехари и тоа, најпрестижниот Златен гонг за најдобар боксер, пехар за најдобар техничар и пехарот за најдобар Македонски боксер. Пехари ќе добијат и најдобриот тренер, најдобриот судија и секако трофеј ќе има и за најдобриот странски боксер.