„Ме видоа дебел и мислеа не можам да се борам, Вајлдер го виде вистинскиот Фјури“

Линеарниот светски шампион во супертешка категорија стана и првак во ВБЦ. Тајсон Фјури на спектакуларен начин, со технички нокаут во седмата рунда, го совлада големиот ривал Дионтеј Вајлдер и повторно го одушеви боксерскиот свет. 

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Вајлдер го „фрли“ пешкирот, „Кралот“ Фури се врати на боксерскиот трон

Од човек со психички проблеми и депресија до светски шампион. Британецот ја продолжува својата фантастична серија победи, а по борбата со Вајлдер истакна дека овој меч беше еден од неговите најдобри во кариерата. 

„По мојата последна борба сите ме отпишаа, но јас сум човек од збор. На Вајлдер и неговиот тим им кажав дека ќе победам со нокаут. Луѓето ме видоа ќелав и дебел и мислеа дека не можам да се борам. Вајлдер имаше меч со вистинскиот Фјури и тоа се виде во рингот“, рече 206 сантиметри високиот боксер од Британија. 

Фјури по големиот триумф над Американецот има скор од 30 победи  и само едно реми и тоа токму против Вајлдер пред нешто повеќе од една година.