Македонската елита на боксери и гости од девет земји ќе настапат на турнирот „Јордан Мијалков“

Овој викенд во Штип по вторпат ќе се одржи меѓународниот боксерски турнир „Јордан Мијалков“, а во улога на организатор на турнирот се јавува новиот клуб од Штип, БК Пинк Пантер. Боксери од девет земји се пријавени на натпреварувањето, а тие земји се: Германија, Бугарија, Косово, Украина, Албанија, Србија, Италија, Босна и Херцеговина и Македонија.

В сабота во 17.00 часот во спортската сала „Јордан Мијалков“ ќе започнат борбите од полуфиналето, а во рамките на турнирот ќе се одржат и двете финални борби во јуниорска конкуренција од државното првенство, кое минатиот викенд се одржа во Битола.

Најдобрите македонски боксери Гоце Јанески, Никола Арсов, Александар Димовски, Илчо Јоноски и Јове Петровски исто така ќе настапат на турнирот. Од странските боксери учеството го потврдија српските репрезентативци Костиќ, Стошиќ и Митиќ.