Македонија со три надежи на У-22 Европското првенство во бокс

Тројца македонски боксери ќе настапат на Европското првенство до 22 години во Тргу Јиу, Романија, од 24 март до 2 април. Гоце Јанески, Лулзим Исмаили и Јасин Лама веќе се подготвуваат со своите клубови, а непосредно пред шампионатот ќе се соберат на заеднички подготовки.

У-22 шампионатот е убава можност по подолго време наш боксер дa се појави на приредба од ваков тип и со тоа да ги провери своите можности со најдобрите свои врсници. Ова е прв чекор на младите македонски боксери до олимписка виза и место во Токио во 2020 година.

Главен хендикеп на нашите најталентирани боксери е недостатокот на квалитетни борби и спаринг партнери. На шампионатот се предвидува дека учество ќе земат преку 200 боксери во сите тежински категории.