Македонија пријави пет боксери на турнирот „Трофеј Подгорица“

Пет македонски боксери-јуниори од денес до недела ќе настапат на меѓународниот боксерски турнир „Трофеј Подгорица“ во Црна Гора. Надежите на македонскиот бокс, Хумрет Јонузи (Шкупи), Сереген Демиров (Баргала), Бобан Мијалев (Пинк Пантер), Оран Шаќировски и Рамон Казимов (Пелистер) пријавени се за официјалниот дел на натпреварувањето.

Конкуренцијата на „Трофејот Подгорица“ е голема и се очекува да настапат најдобрите јуниори од целиот Балкан. Репрезентацијата ќе ја водат Илија Младеновски, Насер Харуни и претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Игор Златков.

Веќе зад нас се две лигашки кола и Европското првенство за боксери до 22 години. Така македонските боксери го надминуваат проблемот кој ги мачеше со години, а тоа е недостатокот на квалитетни борби и спринг партнери.