• Мартин Танасковски

Македонија не секогаш знае да ги цени своите спортисти, а еден од оние кои го почувствувале суровиот пат по спортската пензија е Реџеп Реџеповски, македонскиот боксер од Куманово кој блесна на ЛОИ 1984 во Лос Анџелес и од Калифорнија се врати со одличје околу вратот.
Во категоријата до 51 килограм, Реџеповски, кој тогаш се гледаше како наследник на легендарниот Аце Русевски, беше поразен од домашниот натпреварувач Стив Мекори по судиска одлука со 4-1. Боксерот роден во 1962 година, на свои 22 години го освои сребрениот медал за Југославија, а е запишан како еден од македонските спортисти кои испишале голем успех во некогашната заедничка држава.
На патот до финалето, Реџеповски оствари четири победи од кои една беше со технички нокаут во втората рунда. Ги победи Санго Терапорн (Тајланд, 3-2), потоа Пет Клинтон (Велика Британија, нокаут), Џеф Фенеч (Австралија, 4-1) и Ибрахим Билали (Кенија, 5-0). Приказната која се раскажува вели дека Реџеповски пред финалето на ЛОИ јадел обемно, па качил килажа и додал два килограми. За брзо да се врати во нормала, тогашниот селектор Мате Парлов и колегата Анте Јосиповиќ го однеле во сауна, каде Реџеповски се мачел и едвај дишел, ама успеал благодарение на бодрењето од страна на тогашниот стручен штаб на Југославија.
По финалето, Реџеповски добил доста понуди да го продаде медалот за 10.000 долари, но ги одбил. Исто така Американците му нуделе 50.000 долари да остане во САД и да стане професионалец, меѓутоа и на нив им даде негативен одговор. Важеше за еден од најдобрите боксери во регионот, но никогаш не се продаде за пари.
Сребрениот олимпиец од Лос Анџелес подоцна се соочи со тешки моменти во Македонија, затоа што мораше да преживува како социјален случај. Својата приказна неколку пати ја раскажа за македонските медиуми, кога истакна дека преживува со скромни 3.000 денари. Реџеповски беше шесткратен првак на Југославија, човек кој загуби само пет пати во 420 борби. Борбата во рингот го научи да се справува и со неправдите и потешкотиите кои подоцна следеа во животот.
Фото: СакамДаКажам.мк