• Саше Љолес
Британскиот боксер Ентони Џошуа се опоравува добро по тешката сообраќајна несреќа во Нигерија, при што во сударот загинаа две лица. Несреќата се случи на авто-патот меѓу Лагос и Ибадан, кога возилото во кое се наоѓаше Џошуа удри во паркиран камион.
Џошуа доби полесни повреди и беше веднаш пренесен во болница, каде што се наоѓа во стабилна состојба и е под постојан лекарски надзор. Покрај него во автомобилот имаше и други лица, од кои две загинаа на лице место. Полицијата и здравствените служби ја истражуваат причината за несреќата и околностите што довеле до сударот.
„Пациентот е во стабилна состојба, но неговата ситуација постојано се следи од сериозен медицински тим. Имаме посебна програма за негова рехабилитација, веруваме дека наскоро ќе замине на домашно лекување“, изјавија од болницаа во Лагос.
Овој настан ја потресе светската боксерска заедница, особено затоа што Џошуа се враќаше од голема победа и се очекуваше да продолжи да настапува на највисоко ниво. Поддршката за боксерот и семејствата на загинатите не престанува, а вниманието на јавноста е насочено кон неговата опоравка и понатамошната кариера.