Легендарниот Мејведер има проблеми со долгови

Американските даночни власти покренаа постапка против легендарниот боксер Флојд Мејведер, со закана дека ќе му биде поништен пасошот поради сериозни финансиски обврски кон државата.

Поранешниот светски шампион, кој по освојувањето бронзен медал на Летни олимписки игри 1996 премина во професионалниот бокс, изгради кариера без пораз со скор од 50 победи и освои вкупно 15 светски титули во пет категории. И покрај огромната заработка, проценета на околу една милијарда долари, неговата актуелна финансиска состојба е значително влошена.

Според извештаите, Мејведер се соочува со долг од околу 7,25 милиони долари за неплатени даноци. За да избегне одземање на пасошот, ќе мора да постигне договор со американските институции, вклучително и Министерството за правда.

Во последните години, боксерот се соочува со правни и финансиски проблеми, поради што бил принуден да продаде дел од својот имот, меѓу кој приватен авион и луксузни недвижности во Беверли Хилс и Мајами. Сепак, и покрај овие чекори, долговите сè уште не се целосно сервисирани.

Оваа ситуација може да влијае и врз неговите планирани настапи. Мејведер имаше најавен ревијален меч против Мани Пакјао, како и егзибициска борба против Мајк Замбидис во Атина на 27 јуни. Доколку му биде одземен пасошот, овие настани би можеле да бидат доведени во прашање.

Последниот професионален настап на Мејведер беше во 2017 година, кога го победи Конор Мекгрегор, додека неговиот последен егзибициски меч се одржа во 2024 година против Џон Готи III.