• Зоран Мишевски
Организаторите на квалификацискиот олимписки боксерски турнир во Лондон потврдија дека нема одложување на борбите поради ситуацијата со коронавирусот. Квалификациските борби ќе се одржат според предвидениот план, од 14 до 24 март во Лондон. Македонската репрезентација предводена од селекторот Хесус Сојет од Куба од вчера е во престолнината на Англија, каде се аклиматизира пред првите борби за три дена.
Македонија ќе ја претставуваат Јасин Љама и Гоце Јанески во категориите до 63 и 75 килограми.
„Добро се подготвивме за овие квалификации, бевме на заеднички подготовки во Белград со селекцијата на Србија. Ветувам дека ќе дадам максимум на овој турнир“, вели Јасин Љама од Лондон.
Гоце Јанески кој имаше одличен настап на Балканското првенство во Турција каде освои бронзен медал исто така е оптимист пред почетокот на квалификациите.
„Ќе се претставам во најдобро светло, ветувам дека ќе го дадам максимумот, ова е многу силен турнир, конкуренцијата е голема, но ние добро се подготвувавме во Белград со колегите од Србија“, изјави Јанески.
Ждрепката е на програмата на 14 март.