Куманово спремен за меѓународниот боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“

На Градскиот плоштад во Куманово од 11 до 13 јуни ќе се одржи шестиот меѓународен боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“.

Пријавено е учество на млади боксери од петнаесет земји. На турнирот учество ќе земат натпреварувачи од: Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Австрија, Белгија, Германија, Италија, Романија, Бугарија, Казахстан, Турција, Молдавија и Унгарија.

Станува збор за еден од позначајните меѓународни спортски настани во градот и земјата, чија цел е промоција на боксот, спортскиот дух, меѓународната соработка и пријателството меѓу младите спортисти.

Организатори на турнирот се Боксерскиот клуб Куманово-84 и Националната боксерска федерација на Македонија, а настанот се реализира под покровителство на Општина Куманово и Министерството за спорт. Се очекува турнирот и оваа година да привлече голем број љубители на боксот и да понуди квалитетни борби меѓу перспективни млади спортисти од Европа и пошироко.