Куманово го организира првиот меѓународен меморијален боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“

Денес во спортскиот комплекс „Соколана“ во Куманово ќе се одржи првиот меѓународен меморијален боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“, соопштија на денешната прес-конференција, надлежните од организацискиот одбор.  

Турнирот се одржува под покровителство и иницијатива на градоначалникот и Советот на општина Куманово и боксерска федерација на Македонија, во организација на Општински сојуз на спортови Куманово и БК Куманово.

„Советот на општината едногласно ја поддржа идејата да се организира турнир во чест на Петровиќ, истакнат тренер на голем број боксери кој го прослави Куманово низ светот. Боксерите од Куманово кои ги тренираше Петровиќ освоија олимписки медали, светски, европски, медитерански, балкански, медали. Се надевам дека турнирот ќе прерасне и ќе стане традиционален“, изјави Влајко Стојчевски од организацискиот одбор.

Самет Салиевски, од организацискиот одбор и задолжен за програмата, изјави дека на турнирот покрај македонски ќе се натпреваруваат боксери од Србија и Косово. Денес ќе има 19 борби, од кои шест сениорски борби. Куманово ќе настапи со пет боксери во сите категории.

„Од Куманово се сите олимписки шампиони, Куманово е боксерски град. Петровиќ создаде олимпијци, шампиони. Ги поканувам сите да го проследат турнирот“, рече Салиевски.

Оваа манифестација ќе биде отворена за одреден број љубители на боксот.