• Александар Ковачев

Само 15 дена не делат од големиот спектакл дуел помеѓу Владимир Кличко и Ентони Џошуа за обединување на ИБФ, ВБА и ИБО титулите. По повод тој дуел се огласи Кличко, кој своите подготовки ги врши на Алпите.
41- годишниот Кличко во неговиот последен меч, во 2015 година беше поразен од Тајсон Фјури по цели 11 години без загубен двобој. Поради тоа Украинецот сега е целосно мотивиран и со голема самодоверба го најавува неговиот следен меч.
„На Монт Еверест можеш да се искачиш само во одредено време во годината, две недели во април. Ако успеете да стигнете до врвот ќе изјавите: „Го освоив Еверест“, но сè уште не е ништо готово, бидејќи планината може да ве убие и кога ќе се враќате назад. Многу и умреле таму, некои и се вратиле, но Еверест е таму и никогаш не е поразен“, изјави Кличко, сакајќи да каже дека и покрај последниот негов пораз тој сè уште се смета најдобар.
Во неговата професионална кариера, која започна во далечната 1996 година, Кличко има 64 борби од кои 53 добил со нокаут.
„Вакви шанси не се добиваат секој ден. Против мене ќе имам противник кој е следна нова ѕвезда. Му реков дека ако ме победи ќе му честитам, ако не јас ќе бидам негов ментор и ќе му помогнам да се врати посилен“, заврши Кличко.
Мечот, кој требаше да биде одржан минатата година но беше откажан поради повреда на Украинецот, закажан е за 29 април, а место на одржување ќе биде стадионот „Вембли“, на кој ќе има 90.000 гледачи и воедно тоа го прави дуелот еден од најголемите во историјата на боксот.