• Иван Димовски
Еден од најдобрите боксери на сите времиња Владимир Кличко, го најави своето враќање на спортот кој го сака. Иако има 43 години и е во пензија од 2017 година, Кличко е во врвна форма, бидејќи никогаш не престанал да тренира. Украинецот во 2017 година ја загуби титулата од Ентони Џошуа и официјално ја најави својата пензија.
Во изминатите две години во неколку наврати најавуваше можно враќање, но како да немаше мотив. Мотивацијата ја најде во рекордот кој го држи Американецот Џорџ Форман, кој на 45-годишна возраст стана светски шампион во тешка категорија.
Оваа теорија ја потврди самиот боксер:
„Не би се вратил туку-така, само да се борам. Би се вратил за да соборувам рекорди. Ме привлекува можноста, навистина е кул. Џорџ Формен успеал во тоа, тогаш имал 45 години и секоја му чест", истакна Кличко.
За да може да се обиде да го собори тој рекорд, боксерот ќе мора да почне со борби за да се пробие до шанса за шампионски појас. Тој поседува искуство, сила и знаење, а сам потврди дека е спремен:
„И понатаму имам сила, уште сум боксер. Дали можам да се борам? Да!", потврди Украинецот.
Сепак, мора да се нагласи дека сега конкуренцијата во тешка категорија е многу поголема и посериозна отколку кога тој се бореше. Енди Руиз е моментално шампион, а тука се уште Тајсон Фјури, Дионте Вајлдер, како и стариот противник Ентони Џошуа.