Кам-бек по 15 години: Познато кога и против кого Мајк Тајсон ќе се врати во рингот

Мајк Тајсон

Долгоочекуваниот кам-бек на Мајк Тајсон доби потврда. Поранешниот светски првак во тешка категорија ја врати физичката форма и ќе боксува во егзибиција против Рој Џонс јуниор на 12 септември.

Боксерските легенди ќе бидат во рингот осум рунди, а претходно ќе се снимаат подготовките за мечот. Документарниот филм ќе се емитува во десет епизоди.

Поразот од Кевин БекБрајд во 2005 година е последниот пат кога „челичниот Мајк“ бил дел од боксерскиот свет. Неговиот противник, пак, имаше борба пред две години, кога ги вкрсти ракавиците и го победи Скот Сигмонд.

Тајсон со недели покажуваше како изгледаат неговите тренинзи преку социјалните мрежи. Се споменуваше дека ќе добие шанса за нов судир против стариот ривал Ивандер Холифилд, но на крај одлуката падна за егзибиција која ќе се случи во Калифорнија.

Оваа борба сигурно ќе привлече големо внимание, а со тоа ќе им овозможи на учесниците да заработат милиони. Тајсон најави дека сите пари ќе ги донира во хуманитарни цели.