Јаневски: Ми значи бронзата и фактот што токму јас го прекинав постот од медали

Најдобриот македонски боксер, Гоце Јанески се врати со бронзен медал од Балканското првенство во Турција. Тој во полуфиналето во рамноправна борба загуби од косовскиот боксер Бесрат Пирева.

Со овој медал Јанески по 30 години донесе балкански медал за Македонија, по признанијата на легендарните Аце Русевски и Реџеп Реџеповски.

„Многу ми значи бронзата, бидејќи по 30 години токму јас го освоив овој медал. Не можам да ви опишам како се чувствувам. Прекрасно е она што ми се случуваше во Анталија. Идната година ме чекаат доста турнири, како и квалификации за Олимпијадата во Токио 2020 година. Ќе бидам подготвен за овие предизвици“, рече Јанески.

Македонскиот бокс има големи очекувања во олимписката 2020 година, каде постојат реални шанси за олимписка виза и настап на најголемиот спортски настан следната година.