Јанески и Лама конечно пристигнаа во Македонија

Македонските боксери Гоце Јанески и Јасин Лама со големи маки конечно пристигнаа во нашата држава.

Тие ја претставуваа земјата на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Јапонија, кој се одржуваше во Лондон. Пандемијата со коронавирусот го продолжи нивниот престој на британско тло, а дополнително им беше отежната работата со затворањето на аеродромите.

Боксерите се упатија кон Софија, од каде беа префрлени во Македонија и веднаш беа сместени во 14-дневен карантин во хотелот Ибис.

Јанески и Лама изразија благодарност за Боксерската федерација на Македонија за ангажманот тие безбедно да се вратат дома. БФМ изразува голема благодарност до сите вработени во Амбасадите на Македонија во Лондон и Софија за помошта која ја пружија да ги вратиме Јасин Љама и Гоце Јанески дома.