Голем срам за поранешниот ММА шампион: Диаз загуби од јутуберот Џејк Пол! (ВИДЕО)

Долгоочекуваниот спектакл помеѓу јутуберот Џејк Пол и поранешниот ММА шампион, Нејт Диаз, заврши со победа на „аутсајдерот“, кој му нанесе уште поголем срам на познатиот борец. 

Борбата се одржа во Далас, Сoeдинетите Американски Држави, а публиката ги проследи сите десет рунди, по кои Пол на крајот ја однесе победата на повеќе освоени бодови. Дуелот се одржа во салата на Далас Маверикс и беше комплетно распродаден, а публиката во целост навиваше за Диаз, кој на крајот ги разочара сите присутни и го загуби мечот. 

Многубројните свирежи за Пол не му помогнаа на Диаз, а јутуберот уште од самиот старт започна со силни напади и беше очигледно дека е многу мотивиран за овој дуел. Пол успеа во еден момент со силен удар во брадата скоро да го исфрли Диаз од рингот, но борецот успеа да се врати.

До крајот на мечот, делуваше дека Пол е многу постабилен и посвеж од противникот. Диаз имаше потешкотии со дишењето и очигледно беше дека е далеку од својата најдобра форма, па судиите одлучија победата да му ја доделат на Џејк Пол.