Голем исчекор на македонскиот бокс: „Трите медали од Врбас се голем успех“

По големиот успех и трите освоени одлична на Меѓународниот Куп во Врбас, Боксерската федерација на Македонија денес одржа прес-конференција на која зборуваа директните актери на успешниот викенд во соседна Србија. 

Тренерите Васко Цубалевски и Насер Харуни потенцираа дека освоените медали се поттик за уште повеќе работа и посветеност да се дојде до нови успеси.

„Целата наша репрезентација даде максимум. Честитки за тренерите и боксерите, победивме против силни противници од Казахстан и Русија, задоволни сме од успехот “, изјави Васко Цубалевски.

Ардијан Аземи освои златен медал во категоријата над 80 килограми, откако победи на две борби. Денес истакна дека е задоволен од прикажаното на турнирот.

„Боксував против шампионот на БиХ и успеав да го победам. Во финалето го совладав Вишал Гупта од Индија. Многу сум задоволен од моите борби и од резултатот“, изјави Аземи.

Илхан и Ајхан Озмен тренираат во Германија, но настапуваат за Македонија. За нив ова се први медали од турнирите како претставници на нашата земја.

„Благодарен сум на Македонија што ми даде шанса да настапам за репрезентацијата. Донесов сребро од овој турнир и се надевам дека во иднина ќе дојдам и до златен медал“, изјави Ајхан Озмен.

Следна активност е кампот на федерацијата во Струга, а долгорочно нашите надежи се подгтотвуваат за следните турнири во соседството.