Фјури: Верувам дека го победив, ова е една од најлудите одлуки во боксот

Боксерот Тајсон Фјури загуби во борбата од Олександар Усик по одлука на судиите и 12 рунди. Со тоа Украинецот стана апсолутен светски првак во тешка категорија, прв по пауза од 25 години. 

По борбата во Саудиска Арабија, видно незадоволен беше Фјури. Тој нагласи дека ги добил повеќето рунди и очекувал да победи, меѓутоа одлуката го изненадила. 

„Верувам дека ја добив борбата. Веројатно ме победи во неколку рунди, но јас ги освоив повеќето. Ова беше една од најлудите одлуки во боксот. Ќе се вратам. Неговата земја е во војна и поради тоа го прогласија за победник. Верувам дека победив во борбата, ама нема да седам и плачам, ниту да се правдам.

Сега се враќам на семејството и повторно ќе го видам Усик во октомври. Ќе се одморам до тогаш. Повторно ќе се судриме во октомври“, изјави Фјури. 

Веднаш Фјури најави реванш и тоа во октомври, а останува да се види дали втората епизода од спектаклот ќе се одржи според најавите.