• Зоран Мишевски

Светот на благородната вештина не престанува за зборува за Ентони Џошуа и неговата фантастична победа против Владимир Кличко во саботата. Откако го прифати предизвикот и Тајсон Фјури вети дека ќе се бори против старо-новиот шампион, сега Фјури самоуверено најавува дека лесно ќе го победи првакот.
„Стиловите на боксот го прават спортот интересен. Убеден сум дека ќе го победам Џошуа со една рака врзана зад грб. Сите видовте како се однесуваше Џошуа против Кличко, а јас не му дозволив на Кличко ниту да ме удри. Светот ја очекуваа оваа борба, а сите знаат дека јас сум линеарен шампион. Само еден може да биде најдобар, а тоа сум јас. Во саботата навивав за Џошуа, а тој ми покажа дека е голем шампион, а големите шампиони знаат да се вратат и кога се во незавидна позиција“, рече за британските медиуми Фјури.
Светот сонува нова голема борба на „Вембли“, но можната борба на Фјури и Џошуа во овој момент е само шпекулација и сигурно нема да биде договорена до крајот на годината. Сепак, се шпекулира дека во 2018 година ќе биде договорена борба, која ќе биде веројатно една од најскапите во историјата на боксот.