• Сашо Поповски
Тајсон Фјури ја доби третата борба со Деонтеј Вајлдер и остана сопственик на ВБЦ шампионскиот појас. Спектаклот во Лас Вегас заврши во единаесеттата рунда, кога судијата ја прекина борбата, во моментите кога американскиот боксер се најде на подот, по неколку силни удари од страна на 33-годишниот Британец.
Американецот започна агресивно и тоа му донесе резултат во првите четири рунди. Меѓутоа и му одзеде доста енергија. Фјури со серија удари прв го натера противникот да станува од подот во третата рунда. Вајлдер потоа започна да го напаѓа телото на противникот, а во четвртата рунда тој успеа да запише нокаут. Но, Фјури во двата наврати успеа да стане и да продолжи, а на крај пронајде спас во ѕвончето.
Поради тежината и двата боксери изгледаа исцрпено во петтата рунда. Бранителот на појасот одново имаше контрола над борбата и продолжи да ги освојува рундите на поени. Фјури умешно ја користеше својата тежина за дополнително да го ослабне ривалот. Вајлдер полека ја губеше силата, па неговите удари не беа така ефективни по осум рунди борба.
При крајот на десеттата рунда Вајлдер одново се најде на подот и доби броење од судијата. Но, американскиот боксер покажа шампионски дух и продолжи, дури на крајот успеа со неколку удари да го раздрма Британецот. Набрзо пристигна крајот, бидејќи во следната рунда ударите на Фјури беа премногу. Победата беше обезбедена со спектакуларен нокаут, по кој Вајлдер веќе немаше сила да се врати и да ја заврши борбата.
Фјури сега стои на 31 победа од 32 борби во својата кариера. Единствена неодлучена борба е првата против Вајлдер пред три години.