Фјури се плаши од Усик? Британецот ја избегнува борбата што ја чекаше цел свет

Долго најавуваната борба меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик изгледа нема да се случи на 29 април на „Вембли“, а како што сега стојат работите, Британецот и Украинецот тешко веројатно дека во догледно време ќе ги вкрстат ракавиците за да ја обединат титулата апсолутен светски шампион во супертешка категорија.

Егис Климас, менаџерот на Александар Усик, истакна дека неговиот боксер ги прифатил сите услови, но дека постојано се бара нешто ново од него.

„Колку и да попуштаме, тие бараат повеќе. Се договоривме да ги поделиме парите 70-30 во корист на Фјури, се договоривме дека нема клаузула за реванш, но тоа очигледно не е доволно и Фјури бара начини да ја избегне борбата“, изјави Климас.

Како што истакнува менаџерот на Усик, поместување на терминот нема да има.

„Борбата може да се одржи само на 29 април. Ако не се случи тоа, ќе се свртиме кон други ривали“, изјави Климас.

Усик е сопственик на појасите во верзиите ИБФ, ВБО и ВБА, додека Фјури е шампион во ВБЦ верзијата.