Фјури: Сè има цена, па така и јас имам цифра за која пак би боксувал

Популарниот боксер Тајсон Фјури повеќе не планира да се занимава со спорт. Откако го победи Дилиан Вајт во април, „Џипси Кинг“ ги одбрани титулите во ВБЦ и „The Ring“, а потоа најави дека заминува во пензија. 

Често во јавноста се појавуваат информации дека тој размислува да се врати, меѓутоа самиот Фјури кажа дека ужива во пензија. Сепак, остави простор и постави астрономска цифра за која би се вратил во рингот.

„Доста ми е добивање удари за пари. Имам доволно, а сè уште имам и мозок. Треба да се грижам за шест деца и сопруга. Секако, сè е на продажба и има цена. Мојата е 500 милиони фунти. Ако некој сака да го плати тоа, ќе им го дадам тоа што го сакаат.

Не сакам да излезам од пензија, поради тоа ставив висока цена. Кој сака да плати, знае каде да ме најде“, изјави Фјури. 

Иако ја кажа цифрата за која пак би боксувал, тешко е да се верува дека некој би платил.