• Сашо Поповски
Периодот минат во карантин го натера Тајсон Фјури да се премисли околу одлуката да замине во пензија. Британецот, кој во последната борба доминантно го совлада Дионтеј Вајлдер, сакаше да го остави боксот, но сега планира да продолжи и да ги сруши апсолутните рекорди на Флојд Мејведер.
Во неговите планови е потпис на историски договор со кој ќе стане еден од најплатените спортисти на сите времиња.
„Сакам да стигнам до тој голем, богат договор за борба. Сакам да ги урнам сите рекорди, за еден британски борец да замине во странство и да го добие најголемиот договор во историјата. Знам дека можам да стигнам до најголемиот договор за борба во историјата на боксот - поголем од Флојд Мејведер, поголем од Канело Алварез, поголем од Мајк Тајсон, поголем од сите.
Мислам дека е можно, а јас секогаш имам високи цели. Ова е мојата следна цел. Откако ќе ги избришам двете досиеја со Вајлдер и Џошуа, тогаш светот ќе ми биде на колена“, изјави светскиот шампион во тешка категорија.
Неговата харизма и карактер и тоа како ќе му помогнат да ја оствари зацртаната цел, но многумина веруваат дека ќе биде тешко за него да го достигне Мејведер, кој важи за најплатениот боксер на сите времиња.