Фјури не го ни погледна Усик: „Тој има застрашувачки изглед“ (ВИДЕО)

Тајсон Фјури (35) и Олександр Усик (37) ќе се борат во меч кој долго време се нарекува боксерски меч на векот. Борбата за обединување на титулите на шампионот во бокс во тешка категорија ќе се одржи во Ријад, каде во рингот треба да влезат Фјури, шампионот според ВБЦ и Усик, шампионот според ВБА, ИБФ, ВБО и Ринг.

Борбата требаше да се случи во февруари, но таа беше одложена откако Фјури се здоби со расекотина на лицето на подготовките. Победникот во борбата ќе стане првиот човек кој ги обединил сите титули по Ленокс Луис, кој го направи тоа со победата над Ивандер Холифилд во 1999 година.

Пред борбата, боксерите одржаа уште една прес-конференција, по што следеше соочување. Иако истото подразбира гледање очи во очи, овој пат беше поинаку. Фјури застана на сцената со капа на главата и го сврте лицето кон публиката, односно странично од Усик. Британецот потоа ја симна капата, ги свитка мускулите, разговараше со навивачите, па дури и пееше, додека Украинецот сето тоа мирно го гледаше.    

Запрашан зошто не го ни погледнал противникот, Фјури одговори: „Тој е момче со застрашувачки изглед. Дојдов да се опуштам, чекам да влезам во рингот во сабота. Разговорите и интервјуата завршија, опуштен сум и фокусиран“.

Фјури во кариерата има скор од 34 победи, без пораз и едно реми со Деонтеј Вајлдер. Усик победи на секоја од неговите 21 борба во професионалната кариера.

„Индипендент“ објави дека според потпишаниот договор Фјури ќе земе 70% од вкупната сума од 140 милиони евра за борбата. Тоа значи нешто повеќе од 94 милиони евра. Во договорот стои дека еден милион мора да се донира на Украина, која е во војна со Русија.