Фјури на кам-бекот заработи драстично помалку од претходно!

Тајсон Фјури го победи Арсланбек Махмудов на поени пред 54.331 навивачи на стадионот „Тотенхем Хотспур“. Тоа беше првата борба на Фјури по 15-месечната пауза, а тој заработи значително помала сума за новата победа во споредба со неговите последни две борби против шампионот во тешка категорија, Олександр Усик.

Фјури влезе во рингот по два последователни порази од украинскиот боксер, но поранешниот шампион во тешка категорија останува едно од најголемите и најплатените имиња во боксот. Тој заработи повеќе од 100 милиони долари (околу 85 милиони евра) за својата прва борба со Украинецот, додека реваншот му донесе дополнителни 85 милиони долари (околу 72,5 милиони евра).

Овие износи беа значително намалени откако Фјури мораше да плати даноци во Обединетото Кралство, но сепак многу повеќе од она што го заработи синоќа.

Според британските медиуми, на Фјури му беше загарантирана сума од 23,5 милиони долари (околу 20 милиони евра) за борбата против Махмудов. Неговиот противник Махмудов ја заработи највисоката плата во неговата кариера, со хонорар од 2,7 милиони долари (околу 2,3 милиони евра).