Фјури до Џошуа за борбата на „Вембли“: Овој пат нема да снимам милион видеа

Светскиот шампион во бокс, во категоријата ВБЦ, Тајсон Фјури ѝ соопшти на јавноста дека му испратил договор на сонародникот Ентони Џошуа за борба на стадионот „Вембли“ во септември. Фјури не боксувал откако ја одбрани титулата против друг Британец, Дерек Чисора, во декември.

Минатиот септември тој ја откажа предложената „Битка за Британија“ против двократниот светски шампион Џошуа, велејќи во тоа време дека неговиот сонародник не го потпишал договорот пред крајниот рок.

„Тоа е борба која сите сакаат да ја видат, вклучувајќи ме и мене. Овојпат нема да правам милион видеа и да продолжам да форсирам“, напиша непоразениот Фјури на својот Инстаграм профил.

Претходно оваа година, Британецот требаше да се соочи со Украинецот Александар Усик, шампион на ИБФ, ИБО, ВБО и ВБА, но разговорите пропаднаа во март.

Фјури има 33 победи и едно реми во 34 борби, додека Џошуа има 25 победи и три порази во 28 борби во професионалниот ринг.