Џошуа сè уште не го кажал последниот збор, спремен е за реванш со Дубоа

Британскиот боксер и поранешен олимписки шампион Ентони Џошуа би можел повторно да ги вкрсти ракавиците во рингот со Даниел Дубоа, откако го загуби мечот од својот сонародник во борбата за појасот ИБФ со тежок нокаут во петтата рунда пред рекордни 98.000 гледачи на „Вембли“ во Лондон.

Иако по четвртиот пораз, и тоа прилично доминантен, се навестуваше дека 34-годишниот боксер од Вотфорд ќе ги закачи ракавиците, англискиот тешкаш, се чини, сè уште не е подготвен да се збогува со боксот, па навивачите на благородна вештина може повторно да го видат во рингот.

Според тврдењата на познатиот промотер Еди Херн, Ентони Џошуа, кому му преостанува уште еден договорен меч во соработка со Саудиска Арабија, ја прифатил понудата на Дубоа, откако шампионот во ИБФ категоријата го нокаутираше во претходната борба. Нивната нова борба може да биде на крајот на оваа година или на почетокот на новата. Се разбира, во зависност од тоа колку време му е потребно на Џошуа да ги наполни батериите.