Џошуа првпат се појави јавно по тешката сообраќајка и трагедијата

Британскиот боксер и поранешен двократен светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, за првпат јавно се огласи по тешката сообраќајна несреќа во Нигерија, во која тој беше повреден, а двајца негови блиски пријатели и членови на неговиот стручен штаб трагично го загубија животот.

Несреќата се случи во понеделник на главен пат во близина на Лагос, кога автомобилот во кој патувал Џошуа заедно со Сина Гами и Латиф Ајоделе удрил во запрен камион. Од здобиените повреди, Гами и Ајоделе починале на самото место. Џошуа бил пренесен во болница, каде што добил лекарска помош, а во средата бил отпуштен и се вратил во Обединетото Кралство за да присуствува на погребите на двајцата свои долгогодишни соработници.

Сина Гами беше негов тренер за физичка подготовка, додека Латиф Ајоделе важеше за еден од личните тренери на Џошуа и дел од неговиот најтесен тим. Загубата длабоко го погоди боксерот, кој во неделата објави две фотографии на својот профил на Инстаграм. На едната од нив, Џошуа е седнат покрај својата мајка и уште три жени, при што една од нив држи фотографија од Гами.

 
 
 
 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by @anthonyjoshua

Објавата ја наслови со зборовите „Чуварот на моите браќа“, емотивна порака што ја отсликува длабоката врска и одговорност што ја чувствувал кон луѓето од својот најблизок круг.

Во меѓувреме, во петокот полицијата на сојузната држава Огун соопшти дека возачот на автомобилот, Аденији Моболаџи Кајоде, против кого е поднесено обвинение, се појавил пред магистратскиот суд во Сагаму. Џошуа во моментот на несреќата бил патник во возилото.

Ентони Џошуа, роден во Вотфорд во семејство со нигериски корени, престојувал во Нигерија на одмор по големата победа во декември, кога во Мајами славеше со нокаут во шестата рунда против јутјуберот кој се префрли во професионалниот бокс, Џејк Пол.