• Зоран Мишевски

Британецот Ентони Џошуа вечерва во Лондон го победи американскиот боксер Џермејн Френклин со едногласна одлука на судиите по дванаесет рунди од борбата. Финалниот резултат гласеше 118-111 и двапати 117-111 за поранешниот светски шампион.
Некогашниот првак во тешка категорија влезе во овој меч по двата последователни порази од Олександр Усик, а Френклин по контроверзниот и незаслужен пораз од Дилијан Вајт. Воведните минути од борбата беа тест на силите. Посериозни удари немаше до втората рунда, кога Еј Џеј успеа да дојде до предност со неколку добри удари. Џошуа ја контролираше и третата рунда. Тој беше оној кој ги погоди подобрите удари, иако Американецот успеа да упати неколку добри удари во финишот од оваа рунда.
Џошуа работеше доста добро во дефанзива, а Френклин повремено упатуваше удари. На крајот од деветтата рунда имаше еден добар удар на Американецот кој доста го потресе Џошуа. На самото отворање на десеттата рунда Џошуа врза серија удари, Френклин знаеше да возврати со неколку контри и сите ја чекаа серијата што ќе ја прекине борбата. Жестоката размена на удари продолжи и во последните две рунди од оваа борба. На крајот немаше нокаут и одлуката отиде во рацете на судиите, кои не се сомневаа и со едногласна одлука му ја доделија победата на Џошуа.
Џошуа сега има скор 25-3 и сигурно повторно ќе се обиде да се врати на врвот во тешка категорија. Од друга страна, 29-годишниот Американец го претрпе вториот пораз во кариерата и моментално има биланс од 21 победа и два порази.