Две победи и обезбедени три полуфинални борби за нашите боксери во Врбас

Македонските кадетски репрезентативци во бокс, браќата Илхан и Ајхан Озмен победија на денешните борби на Националниот Куп во Врбас и обезбедија место во полуфиналето.

Илхан Озмен во категоријата до 60 килограми го победи Ференц Саму од Унгарија, кој освои бронза на последното Европско првенство. Во полуфиналето противник на Илхан ќе му биде репрезентативецот на Русија, Максим Шумов.

Ајхан Озмен во категоријата до 66 килограми славеше победа над Дарко Мрдовиќ од Црна Гора. Противник на Ајхан Озмен во утрешното полуфинале ќе биде боксерот од Романија, Себастијан Трандафир.

Нашиот претставник во категоријата над 80 килограми, Адријан Аземи утре ќе ги врксти ракавиците со Алија Месиќ од БиХ, борба од полуфиналето на овој турнир. 

Македонските боксери за првпат сезонава имаат три полуфинални борби на еден турнир од меѓународна А категорија.