Димовски: Со кубанскиот селектор ќе остваруваме уште подобри резултати

Кадетската репрезентација на Македонија во бокс освои три медали на турнирот во Врбас, па за првпат по подолго време е постигнат успех во конкуренција која дава право да веруваме дека боксот се движи во вистинска насока.

Примислав Димовски, претседателот на федерацијата потенцира дека ваков резултат не сме имале одамна, а со ангажирањето на селекторот од Куба ќе дојдат и подобри резултати.

„Задоволни сме од резултатот во Врбас, за првпат по подолго време освоивме три медали на еден важен турнир. Се надеваме дека ќе продолжиме да остваруваме уште подобри резултати. На моја иницијатива ангажиравме селектор од Куба. Неговото име е Хесус Сојет, станува збор за тренер кој работел во Куба, Холандија и Јапонија. Има големо искуство како боксер и тренер, финалист е на Светско првенство и очекуваме да ни помогне во унапредување на боксот кој сакаме да го вратиме на старите патеки и да го подобриме тренерскиот кадар“, изјави Димовски.

Боксерската федерација на Македонија во моментов во Струга, под раководство на селекторот од Куба, Хесус Сојет, одржува камп во три возрасни категории, вкупно 30 пионери, кадети и јуниори ќе работат со селекторот на физички и технички план заклучно до 30 август.