Димовски: Да заврши кризата, па со клубовите ќе се договориме за следните насоки

Македонските боксери беа директно инволвирани на натпреварувања кога изби пандемијата на коронавирусот. Претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Примислав Димовски најави дека „врзани им се рацете“ на челниците на македонскиот бокс и сите се во очекување на реакции од Владата и дозвола барем за тренинг.

„Застојот нема добро да се одрази на формата на боксерите и на работата на клубовите и федерацијата. Цел свет е во мораториум и АИБА во август ќе одлучува што ќе биде со натпреварувањата. Не смееме да организираме активности, боксерите индивидуално тренираат. Чекаме да заврши кризата и веднаш да се состанеме со клубовите и тренерите за да направиме анализа и согледување на моментална ситуација и да направиме планови што да работиме во иднина“, истакна Димовски.

Гоце Јанески и Јасин Лама ги бранеа боите на Македонија на Олимписките квалификации во Лондон и загубија во квалификационите мечеви, па нема да се борат на Олимписките игри во Токио.