• Горан Упале
Поранешниот боксер и сегашен тренер Џеф Фенеч смета дека Мајк Тајсон и сега може на многу лесен начин да се справи со Дионтеј Вајлдер, еден од најдобрите боксери на денешницата.
Некогашниот тренер на „Челичниот Мајк“ вели дека денешниот бокс е далеку под нивото на оној од ерата на Тајсон.
„Боксот веќе не е ист како порано. Јас гарантирам дека со шестнеделен тренинг, Мајк Тајсон ќе го нокаутира Вајлдер за помалку од една минута. Ако Тајсон Фјури успеа во тоа, тогаш Мајк ќе го убие.
Фјури е фантастичен боксер, но нема силен удар, за разлика од Тајсон. Вајлдер нема ништо друго освен својот удар, не знае да се брани, а ако го погодиш - борбата ќе заврши. А запомнете дека Мајк никогаш не промашил“, изјави поранешниот тренер на Тајсон за „Спортинг њјуз“.
Мајк Тајсон важи за еден од најдобрите боксери на сите времиња, но кога се работи за споредбите со Мухамед Али, самиот вели дека не би имал шанси против него ако двајцата би можеле да се соочат во најдобрите моменти од кариерата.