• Зоран Мишевски

Скопје и Македонија овој викенд беа домаќини на една од најтрадиционалните спортски манифестации во нашата земја и регионот. Популарниот „Златен гонг“ целосно ги оправда очекувањата и понуди одлични борби и емоции.
Црногорскиот боксер Стефан Савковиќ е годинешниот освојувач на „Златниот Гонг“. Традиционалната боксерска ревија по 51. пат овој викенд се одржа во Скопје со рекордно учество на над шеесет боксери од eдинаесет земји.
Во двата дена натпреварување гледачите во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ имаа можност да видат одлични борби и жестока конкуренција. Златни медали за Македонија обезбедија Дион Лена (60 килограми) и Халим Насуфи (71 килограми). Второ место за Оран Шакировски (57 килограми) и за Илхан Озмен (63.5 килограми).
Одличен настап на овој собир имаше и младиот македонски боксер Ален Рустемовски во категоријата до 57 килограми. Боксерот од Битола кој сè уште настапува во јуниорска конкуренција, на овој турнир се бореше со најдобрите.
Негов противник беше Кубанецот Хавиер Диаз Ибањез боксер со големо искуство и многу медали кој моментално боксова за Бугарија. Рустемовски имаше солидна борба, но немаше сили за изненадување и минимално загуби на поени 3-2.
Борбите ги следеа околу 500 љубители на благородната вештина.