Чурлиновски: Медалите се голем успех за нашите млади боксери!

На Европското првенство во бокс за млади за натрпеварувачи до 17 години во Будва, Црна Гора, македонската репрезентација настапи со четири боксери и освои бронзен медал. Бронзата ја освои Арабел Рустемовски во категоријата до 80 килограми, кој со малку поголема активност во втората рунда можеше да избори пласман во финалето. Сепак, ова е голем успех за Арабел и за македонскиот бокс, а иднината е пред него.

Тренерот на репрезентацијата Петре Чурлиновски се осврна на настапот на нашите боксери.

„Севкупен резултат на македонската јуниорска репрезентација е еден бронзен медал за Арабел Рустемовски и два одлични настапи на Леона Фетаи и Иса Бајрам. Ова е голем успех на овие млади боксери на Република Македонија“, вели Чурлиновски.

Ова е втора бронза за браќата Рустемовски во рок од две недели. Повредниот медал (сребрен) го освои Ален Рустемовски на сениорското Европско првенство во Софија.