Четворица македонски боксери ќе бидат дел од јубилејниот 50-ти „Златен Гонг“

Од утре до сабота во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одржи боксерската манифестација „Златен Гонг”, која воедно го прославува јубилејот од половина век постоење. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, го најави овој голем настан, а во своето излагање ги покани сите оние љубители на боксот и спортот да дојдат и да ја проследат манифестацијата, на која ќе настапат боксери од повеќе европски држави.

„Јубилејот од половина век период од одржувањето на првата боксерска манифестација го става ова натпреварување на позиција на македонски спортски бренд“, истакна Каевски на прес-конференција во АМС.

Тој додаде дека оваа манифестација дава посебен придонес во развој на македонскиот спорт, благодарение на напорите на Боксерската федерација, но и благодарение на освојувачите на златниот гонг низ годините што изминаа, а кои боксуваа за нашата држава: Вели Мумин, Аце Русески, Мустафа Алија, Реџеп Реџеповски, Гоце Јаневски, Примислав Димовски.

На прес-конференцијата свое излагање имаше и секретарот на боксерската федерација Бранко Илиевски, како и селекторот на македонската боксерска репрезентација Хесус Сојет. Манифестацијата ќе се одржи од 7 до 9 ноември во спортскиот центар “Борис Трајковски”, со учество на боксери од осум држави. Нашата репрезентација ќе настапи со четири боксери.