„Челичниот“ Мајк е подготвен за спектакуларната борба со Џејк Пол

Славниот Мајк Тајсон се подготвува за дуелот со познатиот јутубер Џејк Пол и веќе најави дека влегува во посакуваната форма. Иако многумина сметаат дека оваа борба е само еден голем маркетиншки трик, сепак светот со нетрпение чека да дојде ноќта меѓу 15 и 16 ноември, кога двајцата борци ќе се судрат во рингот во сојузната држава Тексас. 

Борбата е организирана и спонзорирана од стриминг платформата „Нетфликс“, а 58-годишниот Тајсон изјави дека наскоро ќе биде целосно „фит“ и подготвен за овој спектакл. 

„Мислам дека само небото е граница за мене. Да бидам искрен, ми нудеа и други борби, но оваа ја прифатив со цело срце. Ако оваа борба мине во ред, повторно ќе ме гледате во рингот“, изјави Тајсон. 

Борбата против Џејк Пол требаше да се одржи во јули годинава, но на барање на Тајсон истата беше одложена за ноември, а овој термин им одговараше и на организаторите од „Нетфликс“. Мечот ќе биде од професионален карактер, а публиката ќе просведочи најмногу осум рунди.