Чеченски боксер исчезнат со месеци, вмешан е претседателот Кадиров?

Поранешниот светски шампион во полутешка категорија, Чеченецот Умар Саламов е исчезнат повеќе од седум месеци, а неговите најблиски се сомневаат дека тој е киднапиран од луѓе блиски до Претседателот на Чеченија, Рамзан Кадиров. 

Саламов последен пат во јавноста се појави на борбата што ја имаше во ноември 2022 година, а потоа му се губи секаква трага. Неговиот близок пријател, Тумсо Абдурахманов смета дека најмоќниот човек во Чеченија е директно вмешан во киднапирањето на боксерот и јавно го повикува да каже каде се наоѓа неговиот другар од детството. 

„Кадиров, сигурно знаеш каде е. Знам дека се обраќаме на вистинското место, ти си директно вмешан во ова. Не знам што ти згрешил Умар, но сите знаеме дека си нарачателот на неговото исчезнување“, напиша Абдурахманов на својот „Телеграм“ канал.

Пријателот на боксерот смета дека киднапирањето се случило поради неговите политички ставови кои се косат со агендата на чеченскиот претседател. Во минатото Саламов и Кадиров биле во добри односи, а претседателот лично му ја честитал последната победа на боксерот. Само два месеца подоцна Саламов исчезнува и сè уште не е пронајден. 

Неговото потесно семејство стравува дека тој е убиен и погребан на непознато место, но пријателите се надеваат дека тој е жив и дека наскоро ќе добијат некаква информација за него. Умар Саламов е еден од најуспешните чеченски боксери. Во својата кариера настапи на 29 дуели, а триумфираше 27 пати. Дури деветнаесет борби завршиле со нокаут и победа на Саламов, а светската титула ја освои пред седум години кога во Москва го совлада Абубакер „Боб“ Ајисафе.